„ДУХОВИТЕ НА АФРИКА“СТАНА НАЈПОСЕТЕНА ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА!

Изложбата „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“, која во средината на октомври беше отворена во Музејот на Македонија како резултат на неговата соработка со Музејот на африканската уметност во Белград, ќе биде затворена вечерва со почеток во 20 часот. Како што укажува нејзиниот координатор, Гоце Наумов, таа е една од најуспешните изложби во музејот што е и повод да биде затворена со пригоден настан.

Имено планирано е професорот Никос Чаусидис да одржи предавање насловено „Африкански елементи во културното наследство на Балканот“, а ќе биде одржана и презентација што ќе ја сумира изложбата по што посетителите ќе можат уште еднаш да ја видат и да слушаат африканска музика.

За изложбата во Скопје од обемната колекција на предмети од повеќе народи од западна Африка, која ја поседува белградскиот музеј, се селектирани скулптури, маски и ткаенини поврзани со култовите на плодноста и предците, како и со обредите за иницијација и погребувања.

– Изложбата е една од најпосетените досега во музејот, особено поради тоа што африканската уметност првпат е презентирана во Македонија и тоа предизвика особено внимание и љубопитност. Исто така и самата тема на изложбата, африканските ритуали, е дополнителен фактор за зголемениот интерес бидејќи мистичните аспекти на некоја култура се секогаш интригантни и привлечни – вели Наумов.

Според него, големиот интерес за „Духовите на Африка: ритуална западноафриканска уметност“ се должи и на фактот што таа беше придружена со активна програма реализирана во изминатите два месеца.

– Во тој период се одржаа повеќе предавања, проекции на документарни и играни филмови, работилници со деца и студенти итн. Сите тие беа поврзани со повеќе социјални, уметнички, политички и религиски аспекти карактеристични за Африка.

Тоа покажа дека оваа соработка меѓу Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград придонесе за доближување на Африка до македонската публика и за поголемо разбирање на нејзините општества, култура и уметност – вели Гоце Наумов.

Музејот на африканската уметност во Белград, кој постои 40 години, а во Скопје во оваа пригода се претстави со 70 маски, скулптури и ткаенини, е основан од колекција што на музејот на Белград во 1960-тите и во 1970-тите години му ја подариле Здравко и Веда Печар. Здравко Печар е некогашен југословенски амбасадор во Мали и во Гана.

 

Веста е превземена од списанието Нова Македонија.

About

You may also like

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *