“ЕДЕН МЕСЕЦ НА СЕЛО” ПОВТОРНО ВО МНТ!

Претставата “Еден месец на село” кое беше премиерно прикажана на 29ти Септември оваа година повторно ќе биде изведена во МНТ на 10ти Декември во 20 часот.
Повеќе за претставата:

Иван Сергеевич Тургењев е руски писател, поет и драматичар, роден пред точно двестe години – во 1818 г. Во историјата на литературата останува препознатлив по реалистичните портрети на руските села, но и по студиите на руската интелигенција со кои настојувал да ја поттикне сопствената земја на чекор кон новото време. По, најблаго речено, неповолните реакции на едно од неговите капитални дела, романот „Татковци и деца“, Тургењев ја напуштa Русија и оди во Франција, каде што во 1883 г. умира. Денес се смета за класика на светската литература.

„Еден месец на село“ е едно од најдобрите дела во неговиот литературен опус. Таа е една од првите реалистични драми што историјата на литература ги класифицира во рубриката „модерен реализам“ пред сè поради поместениот фокус на нејзиниот интерес, нарушените односи и дејства, изневерените мотиви, тишината на местото на говорот, но и стихијата на јазикот, привременоста на збиднувањето, заводливоста на паралелните приказни, потиснатите копнежи и прокоцканите шанси.

Како што и самиот автор ја поднасловува ―„комедија“ во пет чина, драмата е напишана во 1850 г., објавена во 1855 г., и првпат професионално е изведена во 1872 г. Раскажува типична „селска приказна“, во која Наталија, сопруга на богат човек, и младата Верочка се вљубуваат во истото момче, студент, учител на синот на Наталија. Така скроената ситуација Тургењев „ја полни“ со разни љубови, односно љубовни обиди. За некои ликови таа љубов е извор на надеж за подобра иднина, за некого е занес во кој привремено се губи себеси, некој пак љуби од навика, некој се согласува со целата илузија, а некој благодарение на љубовта повторно се чувствува жив.

На сцената проаѓаат луѓе кои се обидуваат да размислуваат, да мечтаат и да живеат. Се обидуваат да се борат и да се надеваат. Тие се истовремено и тажни и смешни, бидејќи условите во кои се среќаваат и во кои пропаѓаат нивните различно доживеани љубовни (не)прилики се тесни и досадни.

Ни поставуваат прашања, но и самите на нив ниту можат ниту знаат да одговорат. Прашањата за смислата на љубовта, за сето она што важно ја одредува нивната егзистенција, но по претпоставка и егзистенцијата на оние кои ги гледаат од замрачено гледалиште. Истовремено тажни и смешни, тие ликови се обликувани слоевито и современо, а драмските ситуации, карактерите и чудниот хумор ширум ја отвораат вратата на чеховската атмосфера.

Смеењето како естетско доживување се претвора во интелектуално наметнување на духот, цинично потчинување и потсмевање на љубовта, нежноста, уметноста и религијата. Тие секогаш со себе ги носат актуелните егзистенцијални прашања за смислата на постоењето, оптоварени со обидот за формулирање на границата на слободата и потребата од етичките и естетските вредности.

„Сите чувства можат да нè доведат до љубов и страст, сите: омразата, сочувствувањето, посветеноста, пријателството, стравот. Да, сите освен едно – препознавањето. Препознавањето е долг, а секој човек ги плаќа сопствените долгови. Но, љубовта, љубовта не се плаќа.“, вели Тургењев.

Страшниот копнеж по љубов ја прави нивната реалност неподнослива, прикажувајќи ја својата бесмисленост. Тој привид на животот на кој се осудени ги покажува само изневерените очекувања, покажува дека не може да се очекува олеснување. Нема излез.

Крајот упатува на општ хаос, заминување без враќање, безнадежни жртвувања, губење поддршка, очај и каење. Напукнатата приказна веќе не успева да се поврзе, а ликовите немаат цврста поткрепа.

Сликата на светот се распаѓа во неповрат, а во нејзините парчиња ги препознаваме и сопствените неуспеси и промашувања.

„Еден месец на село“ се случува во овој век или следниот или кога сакате. Бидејќи ваквиот театар многу ретко застанува во времето, тој се обидува да му отстапи простор на духот.

Жељка Удовичиќ, драматург

„Еден месец на село“

Автор: Иван Сергеевич Тургењев
Режисер: Паоло Маџели
Драматург: Жељка Удовичиќ

Превод: Катерина Коцевска
Сценограф: Лоренцо Банчи
Костимограф: Мануела Паладин
Композитор: Љупчо Константинов

Улоги:
Аркадиј Сергеич Ислаев, богат земјопоседник ― ЃОРЃИ ЈОЛЕВСКИ
Наталија Петровна, негова сопруга ― САШКА ДИМИТРОВСКА
Коља, нивни син ― ЛУКА СОФРОНИЕВСКИ / ДИМИТАР ИЛИЈЕВСКИ / АЛЕКСАНДАР ЦВЕТКОВСКИ (дете)
Вера Александровна, млада девојка (штитеничка на семејството) ― ДАРЈА РИЗОВА
Ана Семјонова Ислаева, мајка на Ислаев ― КАТЕРИНА КОЦЕВСКА
Лизавета Богдановна, воспитувачка, гувернанта на Коља ― ТИНА ТРПКОСКА
Шаф, Германец, домашен учител ― АЛЕКСАНДАР МИКИЌ
Михаил Александрич Ракитин, куќен пријател ― НИКОЛА РИСТАНОВСКИ
Алексеј Николаич Бељаев, студент, учител на Коља ― СТЕФАН СПАСОВ / ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ
Афанасиј Иванич Бољшинцов, сосед ― НИНО ЛЕВИ
Игнатиј Иљич Шпигељски, доктор ― САШКО КОЦЕВ
Матвеј, слуга ― ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ / СТЕФАН СПАСОВ
Катја, слугинка ― АНА СТОЈАНОВСКА

Асистент на режисерот: Дамјан Костовски
Асистент на сценографот: Џулија Барни
Асистент на костимографот: Илина Ангеловска
Дизајнер на плакат: Зоран Кардула
Графички дизајнер на програмка: Димитар Димитров
Лектор: Тодорка Балова
Инспициент: Вукица Александрова
Суфлер: Тања Ивановска
Фотограф: Кире Галевски
Светло – мајстор: Игор Ѓеоргиев
Светло – оператори: Дарко Младеновски и Горјан Темелкоски
Тон – мајстор: Александар Арсиќ
Тон – оператор: Александар Петровски
Пиротехничар: Методија Најдовски
Реквизитери: Снежана Грнчаревска и Боби Гелиќ
Гардеробери: Валентина Чонкова, Скендер Бериша, Светлана Апостолска
Шминкери и фризери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Декоратери: Мартин Китановски, Влатко Бојчевски и Никола Николовски

Времетраење: 140 минути со пауза

Билетите се пуштени во продажба онлајн https://mnt.mk/online/index.php?id=348 и на билетарницата во МНТ.

mnt.mk

About

You may also like

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *