УБАВИ ВЕСТИ СО АЛЕКСАНДРА ЈАНЕВА! (ИНТЕРВЈУ)

 

Миленичката на македонската публика Александра Јанева во разговор со нашиот тим ни ги откри нејзините УБАВИ ВЕСТИ и дел од нејзините идни планови. Во прилог прочитајте со што ќе не изненади.

У.В: Како тече еден Ваш обичен работен ден, која е Вашата дневна рутина?

  • На нозе сум околу 9, 10 сабајле, но можам да кажам дека сум будна дури после првиот утрински зелен чај или првото инстант кафе кога се брзам. И нормално, се закачувам на социјалните мрежи за да видам што сум пропуштила дури сум спиела. Најчесто сум надвор до пладне, затоа што три дена од неделата ми се резервирани за факултетски вежби и предавања. А кога сум дома, сакам вистински да уживам во сè што правам. Независно дали е тоа појадок, информирање со секојдневни новости преку социјалните мрежи или ТВ, неколку страници од последната книга која ја читам. Скоро секогаш имам потреба од брз, енергетски сон на пладне, за повторно да можам да фунцкионирам со полни батерии навечер. Обично сум дома, не излегувам многу често преку неделата, затоа што од четврток започнува мини турнејата низ Македонија со мојот бенд, и едноставно морам да го слушам внатрешниот глас кој ми вика: Одмор!

У.В: Дали Александра Јанева е зависник од социјалните мрежи, дали е љубопитна да прочита дневни вести и кои вести и го разубавуваат денот?

  • Зависник сум од Инстаграм и J Не сум нешто многу активна на Фејсбук. Го користам само за апдејт на мојата официјална страница и тогаш кога сакам да читнам некоја нова вест. Најмногу се радувам на новобјавени песни од нашата и светската сцена, затоа што тоа значи дека имам нови парчиња музика со кои ќе се будам и заспивам една недела.

У.В: Освен пеењето кое одлично го правите, во што друго уживате, што Ве прави среќна? Кое е вашето хоби?

  • Прошетка во природа, заразна ТВ серија и зумба секогаш ми го разубавуваат денот. А, во последно време има и возбудливи политички дебати, хаха. 

У.В: Знаеме дека Александра Јанева има премногу фанови – дали комуницирате со Вашите фанови?

  • Фановите се најсилниот мотив во мојот живот. Тие ме чуваат и веруваат во мене, понекогаш и повеќе отколку што самата си верувам. Социјалните мрежи се тука за да ги запознаам и ги добијам нивните силни пораки. Со голем дел од нив комуницираме како пријатели, а за некои пак сум врзана со папочна врвца! 

У.В: Чии совети најмногу ги цените, кој е Вашиот водич во животот?

  • Имам врежано во меморија многу корисни совети од блиски и не толку блиски луѓе. Знам да слушам и да прифатам мислења и гледишта кои се разликуваат од моите. Добро е кога нечиј совет ќе ти отвори очи тогаш кога вистински ти е потребно. Сепак, најголемо влијание врз сите мои чекори и одлуки имале моите родители.

У.В: Кога почнавте професионално да се бавите со оваа професија, за македонската публика тоа беше голем подарок, но што Ви беше Вам најтешко, што Ви беше она со кое најмногу се боревте?

  • Сè што е ново во исто време е и непознато. Морав да се потрудам да стекнам неколку нови навики. Ми беше тешко, но особено важно да прифатам дека како јавна личност сè почесто ќе бидам мета на коментари и критики за сè би правела во иднина. Тука беше и притисокот од вклучените блицеви и камери кои не дозволуваат грешки и преснимување.

У.В: Кој Ви е омилен македонски пејач/македонска пејачка, македонска песна и дали Александара повеќе слуша македонска музика или странска?

  • Повеќе изведувам македонска музика од странска, но не можам да кажам и дека повеќе ја слушам. Веројатно тоа е така затоа што странска музика се пласира во многу поголеми размери од македонска. Одбирам добри песни, не размислувам за потеклото.

У.В: Оваа година се посветивте на малку побрзи песни, дали тоа значи дека ќе продолжите со позабавна ин музика?

  • Комплетно се преориентирав кон модерен звук, но тоа не значи дека нема да правам модерни балади. Обично, секоја песна соодветствува со тоа како се чувствувам во периодот во кој ја снимам и со тоа какви мисли ме обземаат. Брзите песни шират енергија и ведар звук на моите настапи, а пак баладите допираат до сите и оставаат длабоки траги.

У.В: Што да очекуваме од Вас, македонската публика ја обожава Вашата работа па со нетрпение чека да соопштите што е следно?

  • Го подготвувам мојот деби – албум. Стари хитови во комбинација со нови песни од повеќе автори, и неколку песни кои ги направивме заедно со мојот гитарист – Тино Стојановски.

У.В:Како за крај на ова наше прво се надевам не и последно интервју што ќе им порачате на читателите на Убави Вести МК?

  • Бидејќи на нашите настапи публиката знае да се радува и забавува на македонска музика, би им порачала да продолжат да ги слушаат и поддржуваат домашните изведувачи. Освен тоа, нека бидат опкружени со позитивни луѓе и да ги одбираат само убавите вести!

About

You may also like

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *